Општина Македонски Брод е сместена во југо-западниот дел на Република Македонија и зафаќа простор од околу 930 квадратни километри со 54 селски населби сместени во ридско планински предел и по течението на река Треска, претежно со население со повозрасна старосна структура, познат и како предел Порече.
Тука во Македонски Брод работи и опстојува ЈЗУ Здравствен Дом кој се грижи за здравјето на луѓето и дава здравствени услуги од областа на примарната и специјалистичко консултативната здравствена заштита на населинието од општините Македонски Брод и Пласница како и пошироко од соседните општини.
ЈЗУ Здравствен дом од Македонски Брод работи во отежнати услови затоа што покрива големо подрачје со многу селски населби распространети претежно во ридско планинско подрачје со слаба инфраструктура и тешко проодни патишта ,особено во зимскиот период.
Првите почетоци на здравството во Македонски Брод започнуваат пред Втората светска војна. Тоа е период кој ја карактеризира Општината со тешка хигиено-епидемиолошка состојба со многу заразни болести и висока смртност како на доенчињата и малите деца, така и на повозрасното население.
Во тоа време доаѓал и по некој лекар повремено од поголемите градови и заедно со по некој приучен болничар давале одредени здравствени услуги.
Затекнатата тешка здравствена и епидемиолошка состојба барале итно решавање на проблемите и организирање на поефикасна здравствена заштита за елиминирање на појавените епидемии, но опшествено економските прилики во кои се развивала Општината не и овозможиле на медицината да се развива со побрзо темпо како во другите поголеми насеслени места.
Првиот здравствен објект во Македонски Брод бил изграден во 1926 година и во него се одвивала здравствената заштита пред ослободувањето,за време на војната, а и непосредно по ослободуванјето со вкупна површина од 600 метри квадратни. Во почетокот, тој работел како антималарична станица, а потоа и за сите други потреби од здравствената заштита.
Прв лекар во општината дошол во 1945 година, кој заедно со неколку болничари работел на спречување на тешките заразни болести и превземале хигиено-противепидемиолошки мерки за подобрување на условите за живот на населението.Тие биле сместени во објект наречен како антималарична станица изграден во 1926 година и овој период може да се нарече како почеток на организирано здравство во Македонски Брод.
Потоа следува периодот кога доаѓале и работеле поваќе доктори од областа на општата медицинска практика, како и поусовршен медицински персонал кои беспрекорно работеле во давање на што поефикасна примарна здравствена заштита и едукација на населенито во справувањето со болестите. Поради зголемениот број на доктори и медицински персонал станало потреба и од изградба на поголем и посоодветен објект за сместување и работа на медицинскиот персонал.
За таа цел во 1959 година е изграден и втор објект во непосредна близина на првиот со дневно сместување за болните, каде работеле докторите и медицинскиот персонал во Македонски Брод, кој се користел се до 1987 година. За населението од долниот дел на Поречието, во 1958 година била изградена Здравствена станица во село Самоков,со вкупна површина од 300 метри квадратни корисна површина. Заради зголемените потреби од укажување здравствена заштита на населието од овој крај, во 1964 година била изградена нова зграда со вкупна површина од 800 квадратни метри со стационарно лекување со капацитет од 20 кревети каде што се лекувале луѓе од ова подрачје.
Со текот на времето и со подобрувањето на економската состојба во Државата како и на локално ниво, почнал и поинтезивен развој на здравстото и во М.Брод. Се формирале повеќе Здравствени станици и амбуланти како и пунктови во повеќе селски населби, а во 1984 година е изградена нова Здравствена станица во село Преглово со вкупна површина од 200 метри квадратни. Исто така се изградени нови здравствени објекти и во село Растеш во 1979 година, како и во село Белица, со што е овозможено здравствената заштита од ова неразвиено подрачједа се доближи до најодалечените селски населби.
Поради проширените дејности на работа се јавува потреба од поголем и посовремен простор, така да во 1987 година е изграден нов Здравствен дом со вкупна површина од 1800 метри квадратни со средства од месен самопридонес и средства од пошироката заедница во која се сместени сите одделенија и служби, како и аптека , преку кои се одвива здравствената заштита на населението од овој крај каде и денес функционира и работи Здравствениот дом од Македонски Брод.
Во Интерес на населението од овој простор Здравствениот Дом од Македонски Брод а се со цел за подобро здравје и поквалитетен живот на населението покрај примарната здравствена заштита, ја проширува својата дејност на давање на здравствени услуги и во специјалистичко-консултативната здравствена заштита од областите на интерната медицина, стоматологијата, офтамологија, гинекологија и акушерство, ортопедија, невропсихијатрија, рендген кабинет и биохемиска лабораторија со секојдневна и повремена работа на одредени служби.